Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре во Битола го пречекуваат Нексе во последниот натпревар од фазата по групи во СЕХА лигата.
На Битолчани им е потребна победа за да го коригираат пласманот на табелата и да обезбедат подобра стартна позиција пред почетокот на разигрувањето за пласман на завршниот турнир.
На клупата на Еурофарм Пелистер ќе дебитира новиот шеф на стручниот штаб Александар Јовиќ.
„Нè чека тежок натпревар со една одлична екипа, која преферира динамична игра. Од овој натпревар на секој натпревар ќе играме на победа. Она што го видовме во овој краток период ни дава до знаење дека имаме добри индивидуалци, кои треба да ги вклопиме во добар тим. За тоа треба и малку време. Од играчите бараме лавовска борбеност и да го спроведат тоа што го тренираме овие пет дена. Битола е најракометен град и мислам дека во вторник ќе се покажеме во поинакво светло, со многу борбеност со подобар ангажман и од страна на играчите, и од страна на клупата”, изјави новиот тренер.
Дека се соочуваат со квалитетен противник свесен е и ракометарот Гоце Ојлески.
„Знаеме дека Нексе е квалитетен противник и квалитетна екипа. Секоја година цели високо и не треба да трошиме зборови за нив. Не сме комплетни, но со нов стручен штаб и со нова енергија ќе се обидеме да дадеме максимум и ќе се обидеме да издвојуваме позитивен резултат“, истакна Ојлески.
Дуелот се игра во вторник, а почетокот е закажан за 18:00 часот.