Во изминатиот период ракометниот клуб Еурофарм Пелистер ја информираше јавноста дека нов тренер на екипата е Александар Јовиќ, а за тим стручен тим-менаџер е назначен Звонко Шундовски.
Битолчани под водство на новиот стручен штаб ја започна новата ера во клупската историја.
„Прво сакам да се заблагодарам за довербата која нам ни е укажана во овој сензитивен момент за клубот. Сакам да упатам благодарност за Шундовски што ја прифати понудата од управата да биде дел од нас. Со неговото огромно искуство ќе ни помогне мене и на Зарков во работата и ќе ни помогне да ги оствариме зацртаните цели во оваа сезона. Мислам дека имаме одличен тим, сите се одлични играчи како поединци, имаме време и со позитивна мисла, вредна работа и правилно насочување од наша страна да исполниме што зацртавме. Имаме уште најмногу три месеци до крајот на сезоната и би ги замолил сите да се фокусираме максимално на индивидуален и колективен план“, вели новиот тренер на Еурофарм Пелистер, Јовиќ.
Поранешниот македонски селектор Шундовски е во клубот со цел најпрво да го поддржи битолскиот ракомет, но и да му помогне на Јовиќ.
„Тука сме сите заедно да ја донесеме титулата во Битола. Многу од играчите доаѓаат од различни држави и можеби не разбираат на кој начин треба да ја вратиме титулата која ја нема долго време во Битола. Јас го следам клубот цело време, ги знам сите играчи и мислам дека се многу добри, но фали нешто, има некој мал проблем, за кој сме дојдени да го пронајдеме и решиме. Но и вие, играчите, треба да помогнете да ја вратиме двојната титула во најракометниот град. Знаеме дека имаме малку време, ќе направиме што можеме да успееме во целите до крајот на сезоната“, рече Шундовски на првиот собир.
Првиот натпревар на новиот стручен штаб е предвиден за вторник од 18:00 часот, а противник ќе биде Нексе Нашице во СЕХА Гаспром лигата.