Еурофарм Пелистер - Мотор Запорожје 25-27 (13-13)
На Еурофарм Пелистер му беше доволен и бод во натпреварот од последното 10. коло во групната фаза на Лига Европа против Мотор Запорожје за пласман во осминафиналето, но не ја оствари целта. Пред своите навивачи во салата „Боро Чурлевски“ – Битола играчите на тренерот Ларс Валтер загубија со 25-27 од украинската екипа.
Најефикасен во редовите на Еурофарм Пелистер беше Танкоски со девет погодоци, а четири запиша Васиљев. На спротивната страна седум погодоци забележа Турченко, а пет имаше Хориха.
На конечната табела Фуксе Берлин го освои убедливо првото место со 20 максимални бодови, пред Скандерборг Архус со 14, Бидасоа Ирун на третата позиција со девет, а на четвртата позиција Мотор Запорожје со седум бодови. Сезоната во Лига Европа заврши за Еурофарм Пелистер кој освои шест бодови и Агуаш Санташ, кој е последен со четири бода.