Еурофарм Пелистер - Агуаш Санташ 27-27 (14-13)
Во својот осми натпревар сезонава во Лига вропа на ЕХФ, Еурофарм Пелистер на домашен терен одигра 27-27 со екипата на Агуаш Санташ. Ремито е како победа за битолчани, бидејќи се на чекор до потврда на местото во елиминационата фаза.
Во текот на првото полувреме македонскиот вицешампион воглавно го имаше водството, во 13 минута имаше највисоки +3. Гостите до паузата намалија нешто од негативата, и во вториот дел битолчани имаа само минимална предност од 14-13.
Агуаш Санташ не само што израмни, туку и стекна опасни 21-24 на девет минути до крајот на средбата. Успеаја во клучните моменти да се вратат битолчани, а бодот за поставување на конечниот епилог го обезбеди репрезентативниот пивот Пешевски. Противникот имаше шанса во својот последен напад да дојде до победата, но голманот Кизиќ не дозволи пораз за својата екипа.
За македонскиот вицешампион Радовиќ беше најефикасен со пет голови, а четири запиша Пешевски. Кај Португалците најрасположен беше Да Силва Оливеира со седум погодоци, а два помалку Каладо Рапосо Баптиста.
Во другите два меча Фуксе Берлин славеше со 32-40 на гостувањето кај Бидасоа Ирун, додека Скандерборг Архус со 33-30 го совлада Мотор Запорожје. По осум кола во групата Д, Еурофарм Пелистер е четврти со шест бода, Агуаш Санташ четири, а Мотор Запорожје три.
Играчите на тренерот Ларс Валтер следниот натпреар во ова натпреварување ќе го имаат на 21 февруари на гостински терен против Фуксе Берлин.