Во вторник тимот на Еурофарм Пелистер ќe го игра својот седми натпревар сезонава во ЕХФ Европската лига, му гостува на Скандерборг Архус (18:45 часот) во рамките од групата Д.
Овие екипи се сретнаа во првото коло, во салата „Боро Чурлевски“ триумфираа Данците со резултат 27-30. Битолчани претрпеа два порази во СЕХА лигата, но и покрај тоа данскиот тренер Ларс Валтер во својата земја со своите играчи оди по позитивен резултат.
Ларс Валтер
(тренер на РК Еурофарм Пелистер)
Последните два дена работиме со добар ритам и момците кои беа надвор од тимот почнуваат да го фаќаат тој ритам. Видливо беше дека ни недостига такво темпо на претходните два натпревари. Против Нексе беше нешто подобро, но мора уште малку да се подобриме. Овој викенд работевме одлично и тоа веќе изгледа солидно. Патуваме во Данска со подигната глава, сакаме да одиграме добро и да донесеме бодови од таму.
Квалитетот на данската лига е неверојатен. Викендов Архус загуби од вториот најслаб тим во лигата и тоа покажува дека секој тим може да освои бодови против секого во данскотоо првенство. Сепак, Архус Скандеборг игра добра сезона досега, се наоѓа на шестото место, но тимот има падови и подеми. Наша цел е да ги фатиме во пад во вторник. Брзи се, треба да го сопреме нивниот контра напад. Околу 30% од головите ги постигнуваат од контра напади и не треба да ги правиме истите грешки како на последните два натпревари. На тренинг напорно работиме да ги сведеме на минимум техничките грешки. Тоа ќе го направите само ако го следите тактичкиот план и баш тоа се обидуваме да го сториме.
Мирко Радовиќ
(капитен на РК Еурофарм Пелистер)
Добро се подготвуваме, гледавме видео-материјал за Архус, како и првиот натпревар во Битола. Се обидуваме да сигнализираме каде погрешивме. Се работи за најпријатно изненадување во првиот дел на сезоната, како во Европа, така и во домашното првенство, каде му зедоа „скалп“ на Алборг. Се работи за одлична екипа која игра брз ракомет, екипно се феноменални, имаат одлична контра и полуконта. Утрешниот ден ќе го искористиме за детали и одиме во Данска да дадеме сè од себе и да тргнеме добро годинава во Европа.
Тешко беше неделава, бидејќи ние неколкумина од Светско првенство директно дојдовме во Нови Сад, брзо потоа следеше и Нексе и тие натпревари добро ни дојдоа да се воиграме. Штета што не победивме барем еден натпревар од СЕХА лигата. Ќе пробаме тие два натпревари добро да ги искористиме и сега се вртиме на Европа и предизвикот кој ни следи.