Еурофарм Пелистер претрпе тежок пораз од Бидасоа Ирун пред шпанската публика, но денеска успеа да извлече бод и да се избори за реми во новиот европски предизвик против истиот противник.
Битолскиот тим ремизираше 29-29 во салата „Боро Чурлевски“ и се прикажа во далеку подобро светло од она минатата седмица, иако на крајот мораше да се брани и буквално во последниот напад да го осигура бодот.
Ларс Валтер
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Благодарност до публиката која што дојде на трибините и ни даде поддршка која што многу ни значеше. Добро го почнавме натпреварот, одлично трчавме без топка и имавме поволен резултат. Но, во вториот дел се почувствува тоа што Хосни не тренираше еден месец, исто така и Дејвис, Хенеберг после болест немаше енергија, а се повреди и Кукоски. Па падот во нашата игра беше очекуван.
Но и покрај сите проблеми успеавме да се вратиме и да освоиме бод. Како што рече мојот колега, овој бод може многу да значи во понатамошниот расплет во групата. Мислам дека сме на правиот пат. Ако денес овој бод изгледа како лош резултат, сигурен сум дека за неколку дена ќе изгледа многу подобро.
Гоце Ојлески
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
Мислам дека одигравме добар натпревар, имавме и добри и лоши моменти. Сакавме со победа да ја завршивме полусезоната, но се почувствува тој замор и добро е што се вративме и освоивме бод. Мислам дека треба да бидеме задоволни.
Во пролетните натпревари Еурофарм Пелистер гостува во Данска и Германија, а во Битола ги пречекува Агуаш Санташ и Мотор Запорожје.