Еурофарм Пелистер го запиша вториот пораз во Европската лига, втор на домашен терен. Фуксе Берлин ја оправда фаворитската улога, од Битола си замина со убедлива победа од 34-43.
Тренерот, Ларс Валтер проблемот го гледа во неискористените шанси, како и проблемот со враќањето во одбрана.
Ларс Валтер
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Честитки за гостите од Германија за извојуваната победа. Добро го отворивме натпреварот, но веднаш потоа имавме многу проблеми со враќањето во одбрана. Ова ни се случува вторпат оваа сезона и за да не ни се случи повторно мора да извлечеме поуки. Ми се допадна како одигравме во вториот дел. Не се предадовме и со оглед на тоа што во ростерот фалеа неколку ракометари, а се повреди и Сери, одлично го одработивме тој дел од натпреварот. Точно е тоа дека нивниот голман одбрани многу топки, но и ние промашивме многу зицери.
Мирко Радовиќ
(Еурофарм Пелистер)
Би сакал да му честитам на Фуксе Берлин за победата. Беше тешко да се игра без неколку повредени играчи, а за да парирате во натпревар на екипа како Фуксе Берлин, потребен ви е целосен тим. Потребни се шеснаесет играчи и овие навивачи. Благодарност до публиката за поддршката. Ние париравме додека бевме резултатски близу. Ми се допадна како го одигравме второто полувреме, во кое покажавме реакција. Уште еднаш, многу среќа за Фуксе Берлин во понатамошните настапи.
Во следното четврто коло Еурофарм Пелистер гостува во Дизелдорф против украинскиот првак Мотор Запорожје.