Агуаш Санташ - Еурофарм Пелистер 27-29 (12-15)
Еурофарм Пелистер дојде до првата победа оваа сезона во Европската лига откако во натпревар со неизвесен финиш го совлада португалскиот тим Агуаш Санташ на гостински терен со 27-29 (12-15).
Битолскиот тим во 45. минута имаше водство од највисоки седум голови разлика 18-25 и тогаш се чинеше дека работата е готова. Но, момците на Валтер застанаа, а домаќините направија серија од 6-0 и го вратија натпреварот во живот.
На крајот Марио Танкоски се покажа како херој со двата последни гола токму кога Португалците беа во налет. Конечните 27-29 ги носат првите европски бодови за пелистерци сезонава.
Ханенберг беше најефикасен со седум гола, пет постигна Пешевски, четири од четири имаше Сери додека се повреди. Пелистер сега има два бода, колку и Ирун Бидасоа, која вечерва загуби од Фуксе во Берлин со 29-34. Германците се први со максимални четири бода, како и Скандерборг Архус, кој беше подобар од Мотор Запорожје како гостин, со 37-31.
Во следното трето коло Еурофарм Пелистер на 22 ноември во Битола го пречекува фаворитот Фуксе Берлин.