Еурофарм Пелистер загуби на стартот од новата сезона во ЕХФ Европската лига, откако во Битола со 27-30 беше совладан од данскиот Скандерборг-Архус.
Тренерот на македонскиот вицешампион, Ларс Валтер по мечот изјави дека неговите играчи имаа одличен старт, но по 20 минута како да прекинаа со играње ракомет.
„Честитки до Скандерборг-Архус за победата. Противникот одигра денеска еден добар натпревар. Бевме одлични во првите 20 минути, бевме задоволни од играта, а потоа нешто се случи понатаму, како да застанавме. Тие направија серија од 9:2, а ние игравме премногу индивидуално. Немавме ритам, имавме технички грешки, додека тие казнија со контранапади. Им дозволивме да постигнуваат премногу лесни голови. Не можеме да бидеме горди на денешниот меч, тоа мораме да го промениме во следните натпревари“, изјави Валтер.
Репрезентативно крило Ненад Костески вели дека неговиот тим направи доста технички грешки.
„Сакам да им ја честитам победата на гостинските играчи. Знаеме како е да се игра тука во Битола, луѓето живеат за ракометот. Се соочивме со противник кој после 20 минута беше подобар, направи голема предност, со наши доста технички грешки. Казни ривалот со брзи контри и јас мислам дека тоа е главната причина за крајниот епилог“, рече Костески.
Следниот натпревар Еурофарм Пелистер во групата Д ќе го одигра на први ноември во Португалија против Агуаш Санташ Миланеза.