Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги одреди официјалните лица за натпреварите од првото коло на групната фаза на Европската лига. Единствениот македонски претставник во Европа оваа сезона, Еурофарм Пелистер, ќе го пречека данскиот претставник Архус.
Дуелот се игра следниот вторник од 20:45 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, а се очекува полна сала и добро препознатлив амбиент. Дуелот на македонскиот и данскиот претставник ќе го водат германски судии. Делегирани се Фабиан Баумгарт и Саша Вајлд. Делегат на Европската ракометна федерација (ЕХФ) ќе биде Хрватот Синиша Рудиќ.
Покрај овој дуел, во првото коло од групата Д на Европската лига следниот вторник уште играат Бидасоа Ирун - Агуаш Санташ и Мотор Запорожје - Фуксе Берлин.