Данскиот интернационалец Себастијан Хенеберг е ново засилување за македонскиот вицешампион Еурофарм Пелистер. Данецот доаѓа од екипата на Алборг. 28-годишникот кој е висок 197 центиметри игра на позицијата лев и централен бек. Искусниот ракометар вчера пристигна во Битола и денес беше претставен пред медиумите.
„Ова е добра прилика за мене, во еден добар клуб. Тренерот Ларс Валтер одигра важна улога во овој трансфер. Тој ми кажа за клубот и неговите амбиции. Едвај чекам да помогнам во подигнување на нивото на игра на клубот.
Знам дека градот го сака ракометот. Со нетрпение чекам да ги запознаам навивачите. Интересно е што првиот меч во Европа ќе биде против Архус, се надевам дека ќе тргнеме со позитивен резултат. Тимот има добра структура и млади играчи и е меѓу најдобрите во Данска. Очекувам дека ќе биде тежок натпревар“, смета Хенеберг.
Данскиот бек веќе го одработи првиот тренинг и следната недела за првпат ќе го облече дресот на Еурофарм Пелисте. Клубот веќе го регистрира за сите натпреварувања оваа сезона.