Ракометарите на Еурофарм Пелистер го освоија третото место на завршниот турнир на СЕХА лигата, и со бронза се враќаат во Битола. Пелистерци во @малото финале“ во Задар го совладаа хрватскиот вицешампион Нексе од Нашице со 27-23 (12-13).
На прес-конферецијата по натпреварот зборуваа тренерот и капитенот на Еурофарм Пелистер.
Ларс Валтер
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Мислевме на себе, а на противникот. Важно ни беше да победиме, но и да играме добро. Денес видовме дека имаме тим, посебно што игравме без Руди Сери. Позитивно беше да се види Суси, кој се врати од повреда и покажа дека ќе биде засилување за нас. Ова е одлична реакција по поразот во петокот.
Мирко Радовиќ
(капитен на РК Еурофарм Пелистер)
Многу ќе ни користи овој турнир за новата сезона. За мене најважно е што ја подигнавме главата по поразот од Веспрем. Ова беше машки, фајтерски дуел и им вративме на Нексе за поразот минатата сезона. Им го запамтивме тој пораз во Европската лига и им се реванширавме. Мојата екипа покажа како се игра како тим и се врати од негатива, за да дојде до заслужена победа. Оваа победа ни дава голема самодоверба пред предизвиците кои ни претстојат.