Еурофарм Пелистер - Веспрем 27-41 (16-24)
Еурофарм Пелистер очекувано загуби од фаворитот Веспрем во својот прв историски настап Ф4-турнирите во СЕХА-лигата. Битолскиот клуб беше поразен со 27-41 и ќе мора да се задоволи со натпревар за третото место во регионалното натпреварување. Ривал на пелистерци во битката за бронза во малото финале ќе биде хрватски Нексе, додека Веспрем за СЕХА-титулата ќе игра со ППД Загреб.
Битолчани беа рамноправен противник само во првите неколку минути, а подоцна екипата на Веспрем дојде до предност која од минута во минута ја зголемуваше за на пполувреме да заминат на одмор со предност од 24-16. Веспрем моќно го почна и вториот дел и со серија голови дојде до двоцифрена предност (28-18). До крајот на мечот работите не се менуваа, па силната екипа на Веспрем заслужено се пласираше во финалето каде ќе игра за нова СЕХА-титула.
Микита Валјупов беше најдобар кај Веспрем со осум гола, а по него според постигнатите голови беа Мануел Штрлек, Андреас Нилсон и Јахја Омар кои дадоа по шест гола. Кај Еурофарм Пелистер прво име кај стрелците беше Усама Хосни со шест, пред Руди Сери со пет реализации.