Ракометарите на Еурофарм Пелистер со нетрпение го очекуваат утрешниот четвртфинален дуел од СЕХА-лигата, во кој битолчани за противник ќе го имаат составот на Мешков Брест. Пред дуелот за новинарите зборуваа двете крила, Ненад Костески и Цветан Кузманоски.
Ненад Костески
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
Ја започнуваме новата сезона, ни следи првиот официјален натпревар. Напорно се подготвувавме за овој битен дуел. Многу битен натпревар за сите нас. Со победа ќе се квалификуваме на завршниот турнир на СЕХА лигата, а тоа би бил преголем успех за сите нас. Мешков Брест е одлична екипа. Без разлика што имаат измени во ростерот, сепак костурот на белоруската репрезентација е во овој тим. Добро се воиграни, играат заедно и се работи за респектабилен тим. Очекуваме поддршка од трибините, нашиот „осми играч“ ќе ни биде најпотребен. Не се сомневам дека ќе биде исполнета салата. Битола живее за овој спорт и верувам дека со наша добра игра и нивна поддршка ќе се радуваме на пласман на „фајнал-фор“ на СЕХА лигата.
Цветан Кузманоски
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
Минавме тешки припреми во Маврово. Таму бевме една недела и напорно трениравме. Следеше турнирот во Струга, каде игравме добри натпревари со квалитетни екипи. Тие натпреварите ни послужија за воигрување на екипата и подготвени го чекаме утрешниот натпревар. Исто така нестрпливи се и нашите навивачи и битолската јавност. Се надевам дека салата ќе биде исполнета и верувам во победа.