Ракометното семејство Еурофарм Пелистер денес ги пушти во продажба билетите за четвртфиналниот натпревар на СЕХА Гаспром лигата против Мешков Брест (четврток, 25 август – 20:15 часот). Цената за еден билет е 200 денари. Од следната недела во продажба се сезонските билети за цела ракометна сезона на двата битолски клуба. Со еден билет можете да ги гледате Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2 во Суперлигата, Купот на Македонија, СЕХА Гаспром лигата и ЕХФ Лига Европа. Цената на тој сезонски билет кој ви гарантира седиште во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола изнесува 4.500 денари.
Фан-зона и ВИП-соба во текот на целата сезона 2022/23
РК Еурофарм Пелистер ја продолжува тендензијата од минатата сезона. За време на натпреварите од ЕХФ Лига Европа и СЕХА Гаспром лигата ќе биде отворена фан-зона на различни локации во градот. Со отворен или затворен сегмент (во зависност од временските услови) клубот ќе им понуди на своите фанови простор за добра забава, купување на клупските производи, интерактивни игри за најмладите и заедничко следење на натпреварите на омилениот клуб. Новина е воведувањето на ВИП-простор во малата сала на спортската сала „Боро Чурлевски“. Таму клупските партнери, спонзори и акционери ќе имаат можност за поинаков начин на дружење пред, за време и по натпреварите. Така ќе им се даде соодветен третман на луѓето кои инвестираат во спортот. Клубот во текот на сезоната планира да продава и ВИП-влезници. Првата фан-зона и ВИП-ложа ќе бидат отворени в четврток од 18:30 часот пред натпреварот Еурофарм Пелистер – Мешков Брест.