Со денешниот состанок и прв тренинг во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола започна сезоната на Еурофарм Пелистер 2. Македонскиот претставник во ЕХФ Лига Европа се претстави со млад ростер на ракометари, но голем ентузијазам и желба.
Тимот е во конструкција, но пак се потпира на млади македонски играчи. Единствен странец е младиот црногорски голман Василије Печурица, кој дојде од Струга.
„Нов почеток дури и со подмладена екипа во споредба со претходната сезона. Имаме неколку заминувања, неколку нови ракометари, но ќе продолжиме со истиот дух. Секако дека Еурофарм Пелистер 2 може да ја повтори претходната сезона во која бевме четвртопласирани. Остваривме голем резултат за битолската публика и за градот. Ќе ги повикам гледачите кога ќе ги играме европските натпревари да дојдат да нè поддржат, бидејќи ќе оставиме срце на терен. Првиот дел од подготовките ќе ги минеме во Битола, вториот од 13 август се селиме во Маврово, каде ќе играме контролни натпревари. Максимално ќе се подготвуваме за сезоната која ни претстои и за натпреварите во ЕХФ Лига Европа“, рече Филип Арсеновски.
Еурофарм Пелистер 2 ќе одигра четири контролни натпревари во подготвителниот период, пред европското деби на 27/28 август против Алпла Хард.