Новиот тренер на Еурофарм Пелистер, Ларс Валтер денеска пристигна во Битола и го имаше првиот работен ден во таборот на македонскиот вицепрвак. Данецот се запозна со раководните луѓе во клубот и со неговиот стручен штаб со кој ќе работи во иднина.
Еве ги најинтересните теми од средбата со новинарите:
ПРВИ ВПЕЧАТОЦИ ОД КЛУБОТ И ГРАДОТ:
Носам позитивни импресии од почеток. Разговарав со кондициониот тренер, со помошникот тренер и направивме план за во иднина. Изгледа дека исто размислуваме и ќе имаме добра соработка.
Знам дека во Пелистер ги имате најдобрите навивачи во Европа и познати сте по тоа насекаде. Атмосферата во салата е тема на разговор насекаде. Историски вие сте најголемиот клуб во македонскиот ракомет. Дури и кога јас бев млад ракометар знаев за Пелистер и за луѓето тука. Едвај чекам да ја почувствувам атмосферата во салата.
ИСКУСТВАТА НИЗ ЕВРОПА И СТИЛОТ НА ИГРА:
Работев во Словенија, Полска и Романија и ја сакам пасијата на луѓето. Ако сакате ракометна пасија Еурофарм Пелистер е вистинското место. Тука луѓето знаат ракомет и чест ми е што дојдов тука. Лесно беше да се одлучам. Последните години ми недостигаше оваа страст, оваа атмосфера и посветеноста на градот и клубот за ракометот. Сега имаме шанса да свртиме сè и да го вратиме Пелистер каде што беше. Ова е интересен проект.
Мојот стил нема да биде 100% скандинавски ракомет. Работев во многу земји и ќе го земам најдоброто од секаде. Ќе ви ветам дека ќе играме побрзо, но да не го заборавиме квалитетот на балканските играчи. Вие имате многу индивидуални квалитети и моја работа е да го извадам најдоброто од вашата култура и да го ставам во микс со другите култури. Кога бев во Словенија беше многу лесно, па верувам дека така ќе биде и тука, бидејќи луѓето знаат да играат ракомет во Македонија. Убеден сум дека ќе најдеме добра солуција.
Еурофарм Пелистер на 20 јули во Битола ќе ги започне подготовките за сезоната 2022/23.