Ракометарите на Еурофарм Пелистер стигнаа до рутински триумф од 25-21 против Бутел во вториот полуфинален натпревар од Ф4 турнирот во Купот на Македонија кој се игра во Кавадарци. Битолчани уште од самиот почеток максимално сериозно му пристапија на натпреварот, па по првите триесет минути обезбедија предност од седум гола разлика, која веќе ја навести победата од четири разлика.
На прес-конференцијата по натпреварот своите импресии ги изнесоа тренерот Бабиќ и левото крило Маџовски.
Жељко Бабиќ
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Дојдовме до финалето, а тоа беше и нашата цел. Им честитам на моите момци за доброто издание и контролираниот резултат во полуфиналето. Ние сега се насочуваме кон финалето и очекуваме освојување титула. Очекувам уште една тешка средба против Вардар.
Бојан Маџовски
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
Добро е што имаме еден ден одмор. Тоа ќе биде натпревар на кој ќе треба да излеземе и да го дадеме максимумот. Очекуваме како и сите други средби со Вардар да биде неизвесно до крај. Ние ќе играме на победа. Кам-бекот на Периќ добро ќе ни дојде, тој е важен за нас.
Ова е второ финале по ред за ракометарите на Еурофарм Пелистер, четврто од последните пет, ако се соберат и резултатите на Еурофарм Работник.