Еурофарм Пелистер утре на домашен терен го игра реванш натпреварот против Нексе во рамките на осминафиналето во Лига Европа на ЕХФ. Битолскиот тим на првата средба беше совладан со три гола разлика (29-26), негатива која им дозволува на ракометарите да сонуваат за долга европска пролет. Салата „Боро Чурлевски“ ќе биде исполнета до последното место, според дозволениот капацитет.
„Како што знаете сами, имаме две многу важни средби во април. Едната е да ја вратиме титулата во Битола со Вардар, но претходно играме реванш со Нексе во Европската лига. Ќе има многу борба, а ние ќе се обидеме да се вратиме од трите гола негатива. Се надеваме дека ќе бидеме победници.
Во Хрватска одигравме динамичен натпревар. Треба да се очекува пеколна атмосфера, да ја искорисиме предноста на домашен терен и да се вратиме од негативата која е три гола. Значи враќањето на капитенот, ама ова е колективен спорт. Периќ е лидер и капитен, па мислам дека може да ни помогне“, вели кружниот напаѓач на Еурофарм Пелистер, Елмир Граџан.
Европската ракометна федерација (ЕХФ) веќе ги делегира арбитрите за овој натпревар. Правдата ќе ја делат Михал Бадура и Јарослав Ондогрекула од Словачка, додека улогата на делегат на натпреварот ќе ја има Јован Попадиќ.