Ракометарите на Еурофарм Пелистер со негатива од три гола се враќаат од гостувањето во Нашице, во првиот натпревар од осминафиналната фаза во Европската лига.
На дуелот со Нексе „зелено-белите“ забележаа пораз од 29-26. Во првиот дел битолчани во три наврати имаа по еден гол предност но на пауза се отиде со резултат 12-10 за хрватскиот тим. Во вторите триесет минути предноста на Нексе постојано се движеше од два до четири гола.
Еве ги изјавите по натпреварот на двајцата тренери:
Жељко Бабиќ
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Убаво ни беше тука во Нашице во претходните три дена, гостопримството беше на високо ниво. Видливо беше дека енергетски многу се потрошивме, имавме многу проблеми со ротацијата, што во првиот дел беше видливо. Игравме многу „еден на еден“, а не остварувавме предност во дуелите. Во вториот дел малку ја засиливме агресивноста и движењата. Се доближивме до -1 и имавме ракометар повеќе, па промашивме седмерец и противникот ни даде гол во последната секунда. Мислам дека ова е добар резултат за Еурофарм Пелистер. Сигурно дека добро ќе се одмориме, в сабота имаме натпревар од домашното првенство и веќе во вторник играме за четвртфинале. Моите играчи покажаа јако срце и карактер и задоволен сум од нивното издание.
Бранко Тамше
(тренер на Нексе Нашице)
Честитки за ракометарите на Еурофарм Пелистер за победата на дербито во Скопје и одличниот натпревар вечерва. Честитки и за моите ракометари, бидејќи победа од еден, два разлика е сепак победа, а тоа не е неважно на ова ниво. Одличен беше голманот на Еурофарм Пелистер, кој ни одбрани неколку зицери и не ни дозволи да се одлепиме. Сепак, не можам да им замерам на моите ракометари, на секои три дена играат тежок натпревар. Знам што ни следи во Битола, за тоа што таму се случува вреди да се тренира и да се игра ракомет. Искрено, едвај чекам да дојдеме во Битола и да ги доживеам извонредните „Чкембари“. Знам дека играчите на двете екипи ќе уживаат во тој амбиент.
Следен предизвик за Еурофарм Пелистер е дуелот против Охрид во плеј-офот, а во вторник е моментот на одкука и дуелот против Нексе Нашице во Битола.