Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја оправдаа фаворитската улога против АЕК од Атина откако на домашен терен во Битола го совладаа со 30-19 во 10. коло од Европската лига на ЕХФ. По првото полувреме битолчани имаа два разлика но во вториот дел одиграа маестрално за таа на крајот да дојде на +11. На прес-конференцијата Грците ја признаа инфериорноста против македонскиот претставник.
Димитрис Димитрулиас
(тренер на АЕК Атина)
Сакам да му честитам на противникот. Имавме добри моменти во првиот дел, но потоа бевме нервозни, го загубивме менталитетот што го поседувавме и енергијата. Во вториот дел Мартон Секељи имаше одличен настап и одбрани чисти удари од шест и седум метри. Еурофарм Пелистер беше добро подготвен за нас. Атмосферата исто така беше одлична, даде добра енергија на нашиот ривал. Во вториот дел дојдовме до еден момент кога знаевме кој ќе биде победникот. Целата игра ни се распадна и заслуживме пораз. Но, морам да кажам дека сум горд на мојот тим и начинот на кој ја одигравме нашата прва европска авантура. На Еурофарм Пелистер му посакувам среќа во понатамошните натпревари.
Патрик Андре Тониацо Лемос
(ракометар на АЕК Атина)
Честитки за домашната екипа, заслужија да победат на овој дуел. Дефинитивно клучен човек на натпреварот беше голманот Мартон Секељи. На Еурофарм Пелистер му посакувам се најдобро во понатамошните настапи.
Со овие две победи во групната фаза, Еурофарм Пелистер му се реваншира на АЕК за поразите во финалните натпревари на турнирите во Струга во 2020 и Атина 2021 година.