Еурофарм Пелистер не ја пропушти шансата во голем стил да ја заврши групната фаза од Европската лига и со убедлива победа над АЕК да го потврди второто место во групата Д. Тоа значи дека во осминафиналето ќе вкрсти со хрватскиот вицешампион, Нексе.
Своето задоволство од петтата победа во групата не го криеше Жељко Бабиќ на средбата со новинарите.
„Беше задоволство да се игра против АЕК оваа сезона и беше задоволство да се гостува и во Атина, и да се игра тука во Битола. Што се однесува до мечот, благодарен сум до небо на сите во Еурофарм Пелистер, моите ракометари уште еднаш покажаа карактер. Секељи можеби беше клучен, но сакам да ја потенцирам одбраната која заврши добра работа. Карактерот и одбраната го добија натпреварот со АЕК. Секако, благодарност и до нашите навивачи за големата поддршка“, смета Бабиќ.
Следните официјални натпревари за Еурофарм Пелистер се предвидени за време на викендот, која во Битола се игра четвртфиналната група од Купот на Македонија.