Утре следува разврската во групата Д на ЕХФ Лига Европа. Еурофарм Пелистер го пречекува АЕК Атина и сам зависи околу пласманот во следната фаза. Подоцна вечерта се играат уште натпреварите Кадетен Шафхаузен - Татабања и Спортинг - Ним.
Натпреварот во салата „Боро Чурлевски“ кој се игра во вторник од 18:45 часот го најави хрватското крило Јосип Божиќ-Павлетиќ. Играчот на Еурофарм Пелистер истакна дека битолчани нема да се занимаваат со математики, а единственото нешто кое го сакаат од овој дуел е победата.
„Нашата група е изедначена, во другите групи екипите кои имаат по десет освоени бода веќе пројдоа понатаму, но тоа не е случај кај нас. Ни следи дуел со АЕК, одиме на победа, се подготвивме максимално, знаеме дека противникот ќе дојде силно мотивиран затоа што имаат шанси да ја минат групата, но ние играме дома, пред нашите навивачи и се надеваме на нов триумф. Се работи за добра екипа со индивидуалци, имаат неколку искусни играчи и се доста борбени.
Победивме на гости во Атина полесно од очекуваното, но тие сега ја дигнаа формата и дојдоа до неколку одлични победи. Ги знаеме нивните специјалности, знаеме каде се добри. Се подготвуваме за нивната подлабока одбрана и се надевам дека сите работи ќе ни се поклопат и ќе славиме пласман во следната рунда со триумф. Не чувствуваме притисок, наше е да дадеме се од себе и сметам дека ако одиграме по планот резултатот нема да изостане.
Не размислуваме на математиките, одиме само на победа. Имавме тежок февруари зад нас со повреди и коронавирус, но се извлековме од тоа, барем еден дел. Имаме уште некои играчи кои се повредени, но ние кои сме здрави мора да повлечеме и да атакуваме на победа“, смета десното крило.
На првиот натпревар во Атина, Еурофарм Пелистер извојува победа од 27-30.