Македонскиот репрезентативец Ненад Костески вели дека Еурофарм Пелистер треба да го брка првото место во групата во ЕХФ Европската лига.
Битолчани играат добра европска кампања, а победа на гостувањето кај Татабања е императив.
„За разлика од претходните сезони, оваа е доста поуспешна и на добар пат сме да бидеме уште подобри: На добар пат сме, се подготвуваме, ги анализираме следните противници и во добра серија сме. Ме радува тоа што одиме во нагорна линија и имаме шанси за првото место во групата. Сега тоа прво место ни е цел. Зошто да не се обидеме, ако можеме да го обезбедиме. Се подготвуваме за Татабања, веќе ги анализираме и можам да кажам дека се работи за сериозна екипа, иако не обезбедија пласман во следната фаза на ЕХФ Лига Европа. Не смееме никако да ги потцениме, тие се екипа која трча и која има добри индивидуалци кои играат „еден на еден“. Ни останаа уште неколку дена да се подготвиме, но ве уверувам дека ќе играме на победа.
Имавме корона-проблеми, ростерот ни беше скратен и некои натпревари ги одигравме со помала ротација. Се чувствува замор, но ќе заборавиме на него, еве се враќаат неколку ракометари кои ни недостигаа на претходните натпревари и ќе имаме поголем ростер за ротација против Татабања“, рече репрезентативецот Ненад Костески.
Утрешниот натпревар е шести меѓусебен меѓу Еурофарм Пелистер и Татабања, а досегашниот скор е 3-2 за македонскиот претставник.