Тренерот на ракометарите на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ, пред утрешното гостување кај Татабања, вели дека неговите избраници одиграле одличен меч со Кадетен Шафхаузен и дека остануваат со амбиции за првото место во групата.
„Како што кажавме и претходно моите ракометари покажаа карактер, одлична тимска игра, силна дефанзива и ментална цврстина. Одигравме перфектен натпревар против Кадетен Шафхаузен и ги покажавме нашите и индивидуални и тимски вредности. Ништо не е готово, уште сè е отворено. Имаме уште две кола, а математички уште не го обезбедивме ни осминафиналето. Така да мораме да останеме фокусирани, ментално цврсти, да размислуваме секој за своите задачи и да го потврдиме тоа што нè краси – тимската игра.
Имав искуства и претходно и за жал губевме натпревари кога споредувавме што било претходно. Ова е нов натпревар. Во Битола бевме во налет, во позитивна серија и одигравме многу добро. Сега имаме доста проблеми и никој не смее да размислува во тој правец дека тоа ќе биде ист натпревар. Татабања е одличен и подвижен тим. Имаат технички добри ракометари кои играат „еден на еден“, а имаат и одличен тренер. Точно е дека немаат шанси за осминафинале, но имаа проблеми во клубот и затоа се малку подолу на табелата. Сепак, заслужуваат респект и ни следи баш европски натпревар“,
изјави Бабиќ.
Средбата од групата Д во Европската лига меѓу унгарскиот состав и Битолчани ќе биде одиграна утре од 18:45 часот.