Еурофарм Пелистер го победи Кадетен Шафхаузен со 27-26, во меч од осмото коло во Европската лига. Битолчани водеа речиси во текот на целиот дуел, но на крајот стравуваа за триумфот. Во 54. минута Пелистер водеше со 26-23, но домаќините пет минути беа без постигнат гол, па на крајот имаше драма. Периќ го постигна голот вреден победа на десет секунди до крајот.
На средбата со новинарите Швајцарците го признаа поразот, прв во четири дуели во две сезони со македонскиот вицешампион.
Адалстејн Ејолфсон
(тренер на Кадетен Шафхаузен)
Домаќинот имаше мудар план, играше свој ритам во текот на целиот меч. Навистина натпреварот беше по терк каков што го подготвуваа. Ние имавме свои шанси, пропуштивме можност да освоиме бодови и ќе мора да ги бараме на некој друг терен, за да се пласираме во следната фаза.
Јонас Шелкер
(ракометар на Кадетен Шафхаузен)
Ова беше натпревар каков што очекувавме. Пред овие навивачи и мотивирана домашна екипа, нам како да ни фалеше оној последен чекор да дојдеме резултатски близу. Жал ми е што загубивме, но одиме понатаму.
До крајот на групната фаза Еурофарм Пелистер гостува кај Татабања и го пречекува АЕК Атина.