Со непредвидени проблеми со играчкиот кадар Еурофарм Пелистер се соочува пред дуелот против Ним во вторник попладне на француско тло. На последното задолжително тестирање пред патот за Ним, ковид-позитивни беа Немања Обрадовиќ и Матео Мараш, па двајцата наместо на натпревар се во домашна изолација. Заради болест нема да игра ниту Јосип Периќ, а повредата од Европското првенство ја лекува и Мирко Радовиќ.
Сепак, десниот бек Мартин Велковски верува дека екипата може многу подобро отколку пред четири месеци во Битола.
„Мислам дека нè чека тежок натпревар, бидејќи Ним е квалитетна екипа и тоа го покажа низ Европската лига. Мислам дека ќе биде поразличен натпревар од оној во Битола. Тогаш ние влегувавме во форма, а тие беа во врвот на нивната игра. Сега мислам дека играат малку послабо. Детално ги анализираме, еве вчера играа натпревар од француската лига. Мислам дека постои шанса, бидејќи играме добро и сме се подобри и подобри и се надевам дека ќе ја продолжиме нашата серија.
Мислам дека заслужено ја направивме залихата во групата, бидејќи навистина добро игравме. Ни следат и домашни натпревари во Европската лига, целиме на победи и на тие натпревари и се надеваме на подобар пласман на минатогодишниот во групната фаза.
Дуелите со Партизан и Бутел беа добра подготовка. Видовме како е да се игра под притисок. Непосакуван беше натпреварот во Бутел, но густ е распоредот и одеднаж ни дојдоа многу натпревари. Можеби тоа нè разбуди и мораме да бидеме подобри и не смее да дојде до опуштање“, смета репрезентативецот.
Ракометарите на Еурофарм Пелистер од утрово се во Франција, а вечерва ќе тренираат во салата во Ним, каде утре од 18:45 часот ќе го одиграат седмиот европски натпревар од групната фаза на ЕХФ Лига Европа.