Слично како минатата сезона кога во Шабац ја совладаа Металопластика, ракометарите на Еурофарм Пелистер со победа се враќаат од гостувањето во српското соседство. Победен е Партизан среде Белград со 23-25, што е продолжување на четирмесечната серија без пораз.
Тренерот на „црно-белите“, српската легенда Ненад Максиќ, го призна поразот и утврди дека решавачко беше искуството на пелистерци.
„Честитки за двата клуба. Не знам кога последен пат гостинска навивачка група била на Бањица и посебна беше атмосферата вечерва. Ние не сме доволно искусна екипа како Еурофарм Пелистер и кога натпреварот се „кршеше“ тие покажаа големина. Реков дека ќе играме на победа, во некои сегменти и париравме, но сепак ние имаме многу млади момци за ова ниво на натпреварување. Верувам дека секој ривал во СЕХА лигата ќе го намачиме во Белград. Многу успех за пелистерци и се гледаме во Битола“, смета тренерот на Партизан.
Во вториот натпревар од првото коло на групата А на СЕХА лигата ќе се сретнат ППД Загреб и Татран Прешов.