Последните соочувања на македонските и српските претставници во СЕХА лигата завршуваа во полза на нашите тимови. Најчесто Војводина и Металопластика ги претставуваа нашите соседи во регионалната лига, но оваа сезона ќе дебитира Партизан, ланскиот вицешампион на Србија.
Пред дуелот во СЦ „Вождовац“ во Белград, младиот македонски бек Дејан Кукуловски искажа зборови на оптимизам за очекувањата на битолскиот клуб против „црно-белите“.
„Партизан е непознат противник за нас. Сепак, наша цел е победа и добро се подготвуваме за овој натпревар. Добредојден ни е овој натпревар пред продолжувањето на Лига Европа. Можеме далеку да стигнеме оваа сезона во СЕХА лигата. Добро сме спремни и против секој ривал играме на победа. Се надевам дека ќе стигнеме до добар резултат сезонава“, вели младиот лев бек на пелистерци.
Битолчани во Србија патуваат со заздравените Маркоски и Кукоски, но без Мирко Радовиќ, кому му следат уште неколку дена рекуперација. Дуелот меѓу Партизан и Еурофарм Пелистер на програмата е утре попладне од 17:30 часот.