Ракомет – Суперлига (14. коло)
Еурофарм Пелистер 2 – Металург 39-23 (16-10)
По поразите од Еурофарм Пелистер и Бутел Скопје и ремито со Охрид, Еурофарм Пелистер 2 им се врати на победите и многу полесно од предвиденото го надигра Металург во Битола со 39-23. Гостите од Скопје допатуваа со само десет ракометари во Битола и само половина полувреме беа компетитивни.
По 5-5 следеше серија на момците на Јовиќ. Брзо пелистерци се одлепија на 11-6, а на одмор заминаа со 16-10. Само што започна вториот дел предноста брзо стана двоцифрена. Екипата на Металург се замори, тренерот Марковски немаше доволно ракометари за ротација и без голем отпор го загуби дуелот со шеснаесет разлика.
Спортска сала „Боро Чурлевски“ - Битола
Гледачи: 500
Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски
Еурофарм Пелистер 2:
Трајкоски 1, Ристевски, Кузманоски 7, Буторац 2, Пав. Атанасијевиќ, В. Димитровски 2, Петровиќ 2, Андонов, И. Димитровски 4, Димитриоски 4, Талевски 1, Пет. Атанасијевиќ 8, Ѓорговски 3, Ѓукиќ 1, Блажевски 3, Арсеновски 1
Седмерци: 2/1
Исклучувања: 6 минути
Металург:
Дупјачанец, Бардакоски, Брестовац, Петров 1, Петковски 5, Субашевски 1, Хорват 7, Лазаревски 4, Митиќ 1, Маркоски 4
Седмерци: 5/4
Исклучувања: 6 минути
Петар Атанасијевиќ со осум и Цветан Кузманоски со седум погодоци беа најзаслужни за убедливата победа, додека прв стрелец на Металург вообичаено беше Златко Хорват со седум постигнати гола.
Во следното 15. коло в среда Еурофарм Пелистер 2 гостува кај Пролет во Скопје.