Еурофарм Пелистер ја запиша третата победа од шест меча во Европската лига и се качи на второто место во групата Д, а сето тоа беше проследено од верната публика на битолчани. Според ракометарите публиката беше важен фактор за победата. Спортинг падна и резултатски и психолошки во вториот дел, а Еурофарм Пелистер ги грабна бодовите.
Десниот бек Мартин Велковски по натпреварот го анализираше интензивниот дуел во „Боро Чурлевски“.
„Спортинг има многу добра одбрана, агресивна, имавме проблеми и во Лисабон, и тука на почетокот. Но, знаевме дека какво патување ги чека бидејќи ние први патувавме кај нив и знаевме дека е тешко да се издржи физички цел натпревар. Доста е густ распоредот и за двете екипи, и во второто полувреме очекувавме тие да паднат физички, а ние имавме неверојатна публика која ни даваше многу енергија да издржиме до крај на овој меч и да направиме огромен успех“, рече репрезентативецот
До крајот на зимската пауза пелистерци треба да одиграа уште три натпревари од домашната Суперлига, против Струга и Радовиш на гостински терен и против Вардар 1961 во Битола.