Еурофарм Пелистер - Спортинг Лисабон 31-25 (14-13)
Еурофарм Пелистер извојува победа против португалски Спортинг со убедливи 31-25 (14-13) во шестото коло од групната фаза на ракометната ЕХФ Лига Европа и продолжи со серијата позитивни резултати во ова натпреварување.
Првото полувреме беше изедначено, двете екипи се менуваа во водство, и Пелистер и Спортинг во еден момент имаа по три гола предност, на одморот се замина со водство од 14-13 за домашниот тим. Во вториот дел Еурофарм Пелистер полека почна да се одлепува и како одминуваше натпреварот стануваше се појасно дека бодовите ќе останат во Битола. Конечниот резултат беше 31-25.
Мандалиниќ и Периќ со по седум голови беа најефикасни во составот на Еурофарм Пелистер, додека Салвадор со шест гола ги предводеше реализаторите во редовите на Спортинг.
Еурофарм стигна до петти натпревар без пораз во ЕХФ Лига Европа и трета победа во својата група. Со овој учинок пелистерци се на второто место, со бод помалку од лидерот Ним. Сега следува зимска пауза, а следниот меч во Европската лига за Пелистер е на 15 февруари кога му гостува на Ним.