Скоро сите билети кои се пуштени во продажба за натпреварот од шестото коло на ЕХФ Лига Европа меѓу Еурофарм Пелистер и Спортинг се распродадени и со голема поддршка од трибините македонскиот вицешампион ќе се обиде да ја впише третата победа во групата Д.
Еден од најдобриот на првиот натпревар во Лисабон. Кубанецот Реиние Табоада откри дека темелно и детално се подготвува овој натпревар.
„По првиот натпревар, на кој не бевме склопени и беше почеток на сезоната, сега сме многу подобри и во одбрана и во напад. Делуваме како комплетна екипа. Спортинг е тактички добар тим, имаат одличен тренер и добри индивидуалци. Напорно и детално се подготвуваме за овој втор натпревар и верувам дека ќе освоиме два бода во Битола.
Кога дојдов ми требаше адаптација на новата средина, тука е и бариерата со јазикот. Сега е полесно. По првите два месеци на прилагодување, сега сите детали се одлични. Соиграчите и тренерот ми помагаат, се чувствувам одлично и едвај ги чекам европските натпревари“, смета Кубанецот.
Правдата на натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Спортинг Лисабон ќе ја делат босанските судии Александар Јовиќ и Недим Арнаутовиќ. Делегат на Европската ракометна федерација (ЕХФ) ќе биде Леополд Калин од Словенија.