По домашната победа над Тиквеш во петокот, ракометарите на Еурофарм Пелистер започнаа да го подготвуваат натпреварот од шестото коло на ЕХФ Лига Европа против Спортинг Лисабон. Ремито во Португалија е позитивен резултат за момците на Жељко Бабиќ, но со многу претпазливост се гледа на реваншот.
Тренерот на Еурофарм Пелистер верува во нов ангажиран натпревар, во кој ќе решаваат нијанси.
„Моите играчите во Лисабон дадоа сè од себе, одиграа фантастичен натпревар. Иако го имавме последниот напад и можевме да победиме, и тие имаа офанзивен фаул во нивниот претходен обид. Во секој случај, играчите покажаа страшен карактер и фантастично го презентираа клубот, државата и себе си. Сите знаеме дека е тешко да се освојуваат бодови на гостински терен и знаеме колку е добар Спортинг.
Нè очекува голема борба на вториот натпревар против Спортинг. Јас дури би рекол една ментална битка, мора да бидеме целосно фокусирани, а исто толку мора да бидеме ментално цврсти и спремни да го чекаме нашиот момент. Тие десет до дванаесет минути ќе дојдат, а ние мора да сме спремни да го искористиме тој период кога ќе ротираат““, смета хрватскиот стручњак.
Ова е четврто официјално соочување во последните три сезони на македонскиот и португалскиот тим. Во претходните соочувања Еурофарм Пелистер нема победа, а португалците се радуваа двапати. Ремито минатата недела е најпозитивен резултат за нашиот претставник во меѓусебните натпревари.