По драматичниот нерешен резултат во Лисабон против Спортинг, на прес-конференцијата по натпреварот зборуваа тренерот Бабиќ и капитенот Периќ од таборот на македонскиот претставник. Искажаа задоволство од играта и резултатот и апострофираа дека не е лесно да се остане непоразен четири европски натпревари по ред.
Битолчани не загубија на ниту еден од трите гостински натпревари и со шест бода се третопласирани во групата Д на ЕХФ Лига Европа по пет кола.
Жељко Бабиќ
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Вечерва беше многу важно да не загубиме. Задоволен сум и сакам да им се заблагодарам на ракометарите. Се бореа за секоја топка и за секоја позиција. Игравме многу важен натпревар за двете екипи. Веќе четири натпревари сме без пораз и тоа многу ни значи за нашата ментална сила.
Групата е многу израмнета и треба да бидеме подготвени на драматични натпревари до крај. Треба да бидеме храбри и интелегентни. Целта ни е да биеме меѓу четирите најдобри екипи во групата и да продолжиме со играње на елиминациони натпревари.
Јосип Периќ
(капитен на Еурофарм Пелистер)
Ова беше физички многу тежок натпревар. Спортинг Лисабон има одлична одбрана и добро се подготвивме за неа. На крајот можеше секако да заврши, па мислам дека исходот по бод за двете екипи е реален и заслужен.
За време на викендот Еурофарм Пелистер во рамките од 13. коло на Суперлигата го пречекува Тиквеш, а во вторник од 20:45 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“ го игра последниот европски натпревар годинава, против Спортинг Лисабон.