Охрабрени по триумфот над АЕК на гостински терен, ракометарите на Еурофарм Пелистер посакуваат нова победа на мечот против Татабања, утре попладне во Битола. Секако дека нема да биде лесно, посебно ако се знае дека гостите во последно време играат во добра форма, но сепак Еурофарм Пелистер верува во своите квалитети.
Свое видување пред дуелот од четвртото коло на групата Д на ЕХФ Лига Европа има тренерот на битолчани, Жељко Бабиќ.
„Во добар момент сме. Здрави сме, играчите имаат голема желба, посветени се и фокусирани. Сигурно дека во спортот постојат моменти на добра форма и моменти во кои, едноставно, исто тренирате, исто работите, а резултатот изостанува. За жал, за сите нас мерило се резултатите. Знам по себе и по другите колеги, но некогаш ќе излезе добро, некогаш не, многу работи влијаат на резултатот, таа дневна форма, перформанс. Сега ние сме среќни и задоволни, но во спортот ниеден ден не смеете да преспиете ниеден меч, ниеден ден. Свесни сме дека сега сме во добар бран, имаме добра ситуација и ќе дадеме сè од себе да стигнеме до победа и да ја продолжиме добрата низа.
Со промената на тренерот дојде нова енергија во Татабања. Играчите повеќе се ангажираат и тоа се гледа во нивните победи. Можеме да очекуваме противник, кој сака да ја има топката. Долго играат во напад, трпеливо, добра надворешна линија, која веќе долго време игра заедно. Значи сигурно нè очекува противник, кој е во подем, цврст во одбраната, кој добро трча и има добра контра, особено по левата страна. Можам да речам една типична европска екипа. Имаат „и глава и опашка“, добра организација, добра транзиција, добри голмани и одличен тренер“, вели Бабиќ.
Еурофарм Пелистер и Татабања се сретнаа четири пати во последните три европски сезони. Во јануари годинава и двете екипи победија по еднаш, додека во февруари и март 2019 година Унгарците двапати славеа.