Кадетен Шафхаузен - Еурофарм Пелистер 28-28 (16-11)
Еурофарм Пелистер го освои првиот бод во групната фаза оваа сезона во Европската лига откако ремизираше против Кадетен Шафхаузен на гостински терен со 28-28. Битолчани во поголемиот дел од средбата во Швајцарија беа во негатива, но се надминаа себеси и извлекоа реми. Играчите на хрватскиот тренер Жељко Бабиќ имаа слаб старт, а домаќините тоа го искористија за стекнување висока позитива од 5-0.
Еурофарм Пелистер никако не можеше да влезе во ритам, па во еден момент Шафхаузен поведе со 13-5 и 14-6. До полувреме, Пелистер успеа да намали на пет разлика (16-11).
Домаќините и во вториот дел ја вратија предноста од осум гола (20-12), но потоа следуваше најдобриот период во играта на Пелисер. Битолчани со серија од 6-1 намалија на 21-18, покажувајќи дека нема лесно да се предадат. Пелистерci при 28-25 врзаa три голови до крајот и дојдoa до бод кој може да му биде важен во трката за пласман во следната фаза. Последниот погодок за реми го постигна Периќ со звукот на сирената.
Периќ беше најефикасен во редовите на Еурофарм Пелистер со шест голови, го следеа Никола Маркоски, Мандалиниќ и Граџан со по четири погодоци. На спротивната страна осум голови беа дело на Зендер, а еден помалку имаше Марос.
Во следното коло на 16 ноември Е. Пелистер ќе му гостува на грчкиот АЕК со почеток од 18:45 часот.