Еурофарм Пелистер по поразот од Ним на отварањето на новата сезона во ЕХФ Лига Европа, шанса за прва радост ќе бара утре на гости кај Кадетен Шахфаузен. Ова ќе биде нова пресметка меѓу двата тима во европски рамки, откако се соочија минатата сезона исто така во групната фаза.
Левото крило Јосип Божиќ Павлетиќ верува дека екипата ќе реагира по поразот во првото коло.
„Ќе биде нов тежок натпревар. Очекувавме подобра игра пред навивачите на првиот меч. Сигурно и тие ќе бркаат бодови како и ние. Ние одиме да дадеме сè од себе и ако има прилика да освоиме бодови.
Кадетен Шафхаузен е најсилен на бековските позиции. Гледавме натпревари изминатите неколку дена. Нашата одбрана мора да биде на ниво против средниот бек. Мора да даваме и лесни голови. Ако одиграме како што се договоривме, мислам дека нашите шанси се добри“, смета хрватскиот интернационалец.
Минатата сезона Кадетен Шафхаузен го совлада Еурофарм Пелистер во Швајцарија, а ремизираше во Битола.