Македонскиот претставник Еурофарм Пелистер утре му гостува на Кадетен Шафхаузен во вториот натпревар од новата сезона во ЕХФ Лига Европа.
Тренерот на битолчани, Жељко Бабиќ верува дека по разочарувачкиот настап во првиот меч и големиот пораз од Ним, неговите ракометари може да триумфираат на гостувањето во Швајцарија.
„Кадетен Шафхаузен е тим кој има голема традиција, многу добар тим, кој доста трча, дома се опасни, играат цврста одбрана со доста цврст централен блок и голман кој е во подем, игра и за хрватската репрезентација. Значи играме против сериозен противник, за кој се надевам и верувам дека е победлив. Одиме во Швајцарија со респект, но тоа е натпревар кој можеме да го добиеме, во кој можеме да одиграме добар ракомет, кој би ни гарантирал некој добар резултат.
Нема многу што да менуваме. Јосип Периќ сега е малку подобар, имаше проблеми со задната ложа, па затоа не го почна натпреварот со Ним. Значи тој ќе го почне натпреварот, само тоа е промена, другото е помалку или повеќе исто. Мораме да играме добра одбрана пред сè и мора да се враќаме бргу во одбрана. И ако сакаме добар резултат, а сакаме, мора да бидеме многу попрецизни во напад“, рече Бабиќ.
Натпреварот меѓу вицешампионот на Швајцарија и Македонија се игра утре од 18:45 часот во „ББЦ Арена“ во Шафхаузен.