По поразот од Ним со 21-16 (6-15), ракометарите на Еурофарм Пелистер и стручниот штаб спортски го признаа поразот и им честитаа на ривалите од Франција. На прес-конференцијата зборуваа тренерот Бабиќ и десниот бек Мараш.
Жељко Бабиќ
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Сакам да му честитам на тимот на Ним за победата и за изданието. Сосема заслужена победа, затоа што одиграа добар натпревар. Тажен сум, затоа што сметам дека не го покажавме во нашето најдобро светло. Игравме лошо посебно во првото полувреме, шутиравме избрзано и промашувавме, а и голманот на Ним беше расоложен. Уште еднаш, честитки за ривалот и многу успех во сезоната.
Матео Мараш
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
Во првиот дел немавме енергија и ефикасност во нападот, а во одбраната примивме многу лесни голови и му дозволивме на противникот да создаде огромна разлика. Бевме подобри во вториот дел, но тоа не беше доволно. Следниот дуел за нас ќе биде подобар. Благодарност до навивачите за одличната атмосфера, жалам што не дојдовме до резултат.
Ова е само втор домашен пораз во последните две години во евро-куповите на Еурофарм Пелистер, по мартовскиот против Магдебург.