По победата над Скопје 2020 во шампионатот, Еурофарм Пелистер е спремен за своето европско деби во Лига Европа. Екипата на Жељко Бабиќ ќе го пречека француски Ним во Битола, а на трибините дозволен е половичен капацитет, па се очекува околу 1.500 љубители на ракометот.
Тренерот Жељко Бабиќ имаше можност детално да го анализира противникот и откри дел од карактеристиките на Ним
„Францускиот ракомет оди во нагорна линија, имаат многу квалитетни играчи во сите нивоа. Мораме да бидеме многу прецизни, тактички добри. Ним е класична француска екипа, цврста и многу брза. Во одбрана комбинираат со 6-0 и 5-1. Доста истрчуваат низ брз центар и особено брза транзиција, преку десно крило и бек, кои доминираат во нивната игра. Се очекува многу контакти, трчање и класично „тепање“ на теренот. Мора да бидеме спремни на малку поинаква игра, не каква што сме навикнати досега во Европа“, вели Бабиќ.
Ним и минатата сезона играше во ЕХФ Лига Европа и стигна до четвртфиналето, едно скалило подалеку од Еурофарм Пелистер. Во квалификациите францускиот состав го елиминира рускиот првак ЦСКА Москва.