По седум домашни натпревари, еден натпревар од Суперкупот на Македонија и два натпревари од СЕХА Гаспром лигата, дојде време за првиот европски натпревар на Еурофарм Пелистер. Во рамките од Д групата на Европската лига на ЕХФ утре од 20:45 часот во Битола гостува една од најсилните екипи во групата, француски Ним.
Репрезентативното крило Ненад Костески ја повика публиката да им даде „ветер в грб“ на ракометарите на првиот европски натпревар со гледачи на трибините по скоро две сезони.
„Секоја екипа од Франција е голем предизвик за нас. Точно знаеме каква екипа е Ним. Деновиве се подготвувавме напорно и знаеме против каков ривал ќе играме. Ја поканувам публиката да нè поддржи во поголем број. Знам каква е битолската публика, живее за ракометот и се надеваме дека ќе бидат во голема бројка за да биде наш осми играч.
Ним е фаворит во оваа група, ќе биде навистина тешко. Имаат добар проток на топка и многу се брзи. Не треба да се предаваме и мора да одиме цврсто, па да покажеме каква екипа сме“, вели Костески.
Овој натпревар е прво соочување меѓу Еурофарм Пелистер и француска екипа по повеќе од една деценија. Низ историјата често екипи од ова национално првенство гостувале во Битола во европски натпревари и секогаш се играле драматични натпревари.