Нови „ветришта дуваат“ во легендарната „Младост“, денес „Боро Чурлевски“ во Битола, а ракометарите на Еурофарм Пелистер со поддршка од своите верни навивачи се во мисија да го вратат клубот на старите патеки на успехот. „Ветар во грб“ Еурофарм Пелистер отсега нема да имаат само од верната публика и своите „Чкембари“, туку и од компанијата Mozzart која стана нивен ексклузивен бетинг-партнер.
На потпишувањето на договорот за спонзорство присуствуваа Димитар Митревски, генерален директор на клубот и Ивана Ололовска, маркетинг менаџер во компанијата Mozzart.
Димитар Митревски
(директор на РК Еурофарм Пелистер)
Голема благодарност до компанијата Mozzart на желбата да вложуваат во домашниот спорт, а особена благодарност за поддршката која ќе ја добие РК Еурофарм Пелистер во наредниот период. Од огромно значење е секоја пристигната помош, а компанија Mozzart препозна дека клубот има големи амбиции, јасна визија и зацртани цели кон врвот. Горди сме што нашите играчи ќе го носат логото на Mozzart на своите дресови.
Ивана Ололовска
(маркетинг менаџер на Mozzart)
Компанија Mozzart на регионално ниво е позната по инвестирањето во спортот на сите нивоа, од нисколигашки ранг, па сè до оној највисокиот. Горди сме што склучивме соработка со еден од најпознатите спортски колективи во државата. РК Еурофарм Пелистер е клуб со долга традиција и сакаме да им понудиме поддршка на патот кон успехот, особено оваа сезона кога клубот повторно е дел од регионалната СЕХА Лига и Европската лига на ЕХФ. Веруваме дека со ова партнерство ќе помогнеме во остварување на амбициите на клубот во наредниот период.
Инаку, Еурофарм Пелистер е основан далечната 1955 година и се смета за ракометен гигант во македонски и балкански рамки. Еурофарм Пелистер е првиот клуб од Македонија кој играл на некое европско натпреварување, односно 1985 година против шпанскиот Атлетико Мадрид, а потоа во 1987 и 1988 година заврши втор во најсилната лига на Југославија, веднаш зад големата Металопластика.
По осамостојувањето на Македонија, Еурофарм Пелистер доминираше со пет шампионски титули и четири национални купови со што стана најуспешен клуб во државата. Тие години, поточно 1996 година беше и легендарното полуфинале од Купот на победниците на Куповите, каде битолчани со гол примен во последната секунда од натпреварот беа елиминирани од германскиот гигант Лемго. Неколку години подоцна пелистерци беа првиот македонски клуб кој играше европско финале, во Челинџ Купот. Еурофарм Пелистер беше во врвот на македонскиот ракомет до 2005 година, кога ја освои „двојната круна“ со победите над Металург во првенството и Купот.
Дресот на битолската гордост во минатото го носеле најдобрите ракометари во историјата на Македонија, Пепи Манасков, Кирил Лазаров, Наумче Мојсоски, Стевче Алушовски и многу, многу други.