РК Еурофарм Пелистер го претстави проектот на својата ракометна академија. Никогаш поорганизирани и талентирани, од менаџментот на клубот најавуваат план за развој и продукција на млади категории, под стручното око на врвни стручњаци и луѓе со потребна едукација за работа со млади категории.
РК Еурофарм Пелистер ќе пријави по две екипи во пионерска, кадетска и младинска конкуренција во шампионатите за сезоната 2021/22.
„Еурофарм Пелистер 2 за мене е без конкуренција најталентираната екипа во Македонија. Покрај сите епитети за бројот на сениорски, младински и кадетски репрезентативци, кои ги дава нашиот клуб, јас почнувам од Еурофарм Пелистер 2. Јас сум задолжен за сите млади селекции, од 7-8 години до вратите на Еурофарм Пелистер 2. Во овој клуб сум од 1973 година и без нималку кутроазија кон нашиот спонзор и кон Зоран Стерјев, никогаш немало вакви услови. Како за сениорските екипи, така и за младинските категории. Работиме со преку 200 деца, сместено во шест групи. За сите нив треба да се обезбедат маички, топки, реквизити, сали, термини... Тренираме во шест сали, во професионални услови и со јасен проект.
Масовен е проектот, но сакам да бидеме уште помасовни, но сè ќе заборавиме од сите овие деца да излезат 4-5 ракометари за сениорските тимови. Но, за тоа е потребна макотрпна работа, најмалку 3-4 години. Минатата година не ја рачунам, тоа е пропадната година за сите, заради ковид-19 пандемијата.
Стручно сме екипирани, се работи со проект во кој во секоја група има по еден поранешен ракометар и по еден човек со Факултет за физичка култура. Ако ви ги кажам имињата на Александар Зарков, Кире Поповски, Игор Николовски, Михајло Петровски, Фарук Мемиќ, мислам дека доволно кажав. Сето тоа планирам да го вклопам во систем кој сум го видел и применувал. Засега мислам дека одиме по прав пат. Верувам дека за многу побрзо ќе се видат резултатите од работата на нашите тренери.
Очекувам дека оваа година ќе се играат шампионатите, а ние пријавивме по две наши екипи во младинска, кадетска и пионерска конкуренција. Вратите на нашиот клуб се отворени за сите деца. Би ги повикал сите заинтересирани да ги посетат нашите сали и клупските простории на сениорската екипа или на младинските екипи да се информираат за деталите“, вели кооординаторот на школата, Стевче Стефановски.
Еурофарм Пелистер во моментов е клуб со најмногу сениорски, младински и кадетски репрезентативци на Македонија.