Македонскиот репрезентативец Димитар Димитриоски стана нов ракометар на Еурофарм Пелистер 2. Димитриоски потпиша договор на на една сезона и ќе се приклучи на подготовките со тренерот Александар Јовиќ.
Во Битола Димитриоски доаѓа од редовите на Вардар 1961, клуб со кој минатата сезона ја освои Суперлигата и Купот на Македонија.
„Мило ми е што сум тука во Битола. Еурофарм Пелистер има големо реноме во македонскиот клупски ракомет. Првите импресии се дека имаме одлична млада екипа, со дел искусни играчи. Мислам дека добро ќе напредуваме во текот на целата сезона и ќе го оствариме тоа што го зацртавме.
Ние сме спој на младост и искуство. Имаме 3-4 поискусни ракометари. Одигравме неколку добри тест натпревари, претрпевме два порази, од Пролет и од Дубочица. Треба да играме борбено и доколку ги следиме сите задачи на тренерите нема да промашиме и ќе го оствариме тоа што се бара од нас“, вели Димитриоски.
Димитриоски на подготовките играше на нова позиција - среден бек, а одлично се снаоѓа и како лево крило. Токму на оваа позиција стигна до дресот со државниот грб и настапуваше на неколку големи натпреварувања.