Ракометарите на Еурофарм Пелистер го загубија и вториот натпревар против Мешков Брест во четвртфиналето на СЕХА лигата.
Клубот од Белорусија потврди дека во овој момент е подобар тим од четата на Бабиќ и успеа да обезбеди место на завршниот турнир во ова натпреварување. Тимот на Мешков Брест со истиот рецепт од средбата од Битола дојде до втора победа овојпат со 35-31. По натпреварот тренерот и капитенот на битолчани ја признаа супериорноста на противникот.
Жељко Бабиќ
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Има голема разлика меѓу екипите од Лигата на шампионите и од Лига Европа. Мотор е посилен од Татран, Веспрем е посилен од Нексе. Мешков Брест е посилен од нас. Квалитетот на игра е различен и тоа ги носи резултатите. Честитки за противникот и многу среќа во иднина.
Јосип Периќ
(капитен на Еурофарм Пелистер)
Игравме лошо во првото полувреме, направивме многу технички грешки и не постигнавме толку голови колку што ни беа потребни. Одигравме многу подобро во вториот дел. Брест беше подобар тим и заслужи да игра на Ф4 во Задар. Честитки за противникот.