Интензивниот месец август за ракометарите на Еурофарм Пелистер ќе заврши со натпреварот во Брест против првакот на Белорусија, во рамките од четвртфиналето на СЕХА лигата. Од исходот на овој натпревар ќе се знае дали пелистерци ќе продолжат во полуфиналето или ќе бидат елиминирани една рунда порано.
Хрватското репрезентативно крило, Јосип Божиќ Павлетиќ верува во тимот и покрај поразот од четири гола разлика во Битола
„На натпреварот во Битола не ја покажавме правата слика, игравме под нашите можности и сигурно можеме подобро. Зе надевам дека во Белорусија ќе покажеме подобро лице. Не се откажуваме, четири разлика не се многу, во спортот сè е можно. Одиме на победа во Брест.
Сигурно дека добро се подготвија двете екипи за првиот натпревар, но тоа не беше наш ден. Сите како екипа потфрливме, но одиме во Белорусија да се покажеме во подобро издание“, смета хрватското десно крило.
Експедицијата на Еурофарм Пелистер вечерва преку Истанбул патува за Белорусија, а в сабота ќе тренира во „Викторија Арена“ во Брест.