Битолски Еурофарм Пелистер одбработи уште една корисна недела во подготвителниот период и во перспектива кон реванш натпреварот од четвртфиналето на СЕХА лигата во Брест. Поразот од 27-31 на првиот дуел во „Боро Чурлевски“ ги лансираше Белорусите како фаворит, но треба да се одиграат уште шеесет минути.
Засилувањето на голманската позиција, Марко Кизиќ, верува во тимот и во можен пресврт.
„Загубивме, но не со голема разлика за да се откажеме. Напорно работевме неделава, нема што да загубиме, треба да се бориме и да се надигруваме. Можеме да стигнеме до позитивен резултат.
Мешков Брест е квалитететн тим. Сепак се четвртфиналисти на Лигата на шампионите. Имаат играчи од калибарот на Скубе, Кашпарек, Ваилипау. Имаат квалитетни индивидуалци, но не значи дека ние немаме доста квалитетни играчи и најважно ќе биде кој повеќе ќе сака да победи“, смета младиот репрезенативниот голман.
Натпреварот в недела од 16:00 часот е четврти на Еурофарм Пелистер и Мешков Брест во клупската историја: На сите претходни три натпревари поуспешни беа Белорусите.