Еурофарм Пелистер - Мешков Брест 27-31 (9-13)
Македонскиот претставник Еурофарм Пелистер загуби во првиот натпревар од четвртфиналето во СЕХА Гаспром лига од белорускиот шампион Мешков Брест со 27-31 (9-13).
Вицешампионот на Македонија е подалеку од можност за настап на Ф4 турнирот во СЕХА лига, бидејќи вечерва загуби на домашен терен со четири гола разлика во дуелот со Мешков Брест. Битолчани парираа до средината на првото полувреме, потоа беше меч во еден правец. Мешков Брест го покажа својот квалитет, се одлепи и на пауза замина со четири позитива (9-13).
Гостинот доминираше на почетокот од второто полувреме па креираше и највисоки осум гола предност (17-25). До крајот на средбата домашните ракометари се потрудија само да го ублажат поразот, во што успеаја, и на крајот загубија со достојни четири голови разлика (27-31), што секако остава и натаму шанси битолчани да се надеваат дека можат да направат целосен пресврт на реваншот.
Мандалиниќ беше најефикасен во девет голови за Еурофарм Пелистер, три помалку запиша Периќ, а на спротивната страна Кашпарек имаше осум, а Ваилупау шест погодоци.
Реваншот се игра во Брест на 29 август.