Еурофарм Пелистер го очекува четвртфиналниот натпревар од регионална СЕХА лигата против белорускиот првак Мешков Брест. Очекувањата се големи, а нескриен е и оптимизмот меѓу ракометарите. Атмосферата ја пренесе Елмир Граџан, кој потенцира дека пелистерци се во добар ритам во подготвителниот период.
„Мешков Брест многу добро го познаваме, одигравме неколку натпревари и во Битола и во Брест и мислам дека се квалитетни, за што говори и нивниот успех. Ги краси многу брза игра, брза транзиција. Колку што можевме се спремивме, гледавме многу видеа за противникот.
Брзо дојде до официјални натпревари сезонава, го освоивме и Суперкупот и донесовме трофеј во Битола по шеснаесет години. Одигравме турнир во Струга и мислам дека бевме многу добар противник за Вардар, требаше и да победиме и да го освоиме втора година по ред тој турнир. Многу добар период е зад нас и само треба да продолжиме во тој ритам“, вели Елмир Граџан.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Мешков Брест се игра вечерва од 20:15 часот во салата „Боро Чурлевски“.